Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС на „Денот на граѓанските организации“ ги претстави истражувачките проекти и активностите за зајакнување на комуникациските капацитети на Собранието на Северна Македонија и на Државниот завод за ревизија, спроведени под закрила на Фондацијата за демократија Вестминстер.
Компаративната анализа што ја изработи РЕСИС ја разгледува регулативата за политичкото огласување во медиумите за време на изборни кампањи или референдуми во неколку европски земји и во Македонија.
Соочени со општото чувство на политичка индиферентност на граѓанството, намаленото ниво на доверба во политичките претставници и засилената перцепција дека постои некомпетентност кај претставничките институции, дури и парламентите на етаблираните демократии, последнава деценија, мораа да посветат повеќе внимание на зајакнувањето и промоцијата на вредностите на парламентарната демократија и подигнувањето на свеста на општата јавност за стожерните функции на парламентите.