ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЕКТИ
ИНСТИТУТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВЕНИОТ РАЗВОЈ

Акциско истражување за формирање Мрежа од совети на публики

Во периодот од октомври 2019 до март 2020 година, со поддршка на Програмата Цивика Мобилитас, РЕСИС ја спроведе првата фаза на акциското истражување во кое беа опфатени над 50 граѓански организации на локално ниво кои работат со различни ранливи групи: деца и малолетници, лица со сетилна и друга попреченост, лица со ретки болести, припадници на ЛГБТ заедницата, социјално загрозени групи, зависници и други ранливи групи. Низ истражувачкиот процес, самите граѓански организации критички ги проценуваа медиумските содржини и состојбите во медиумската сфера и притоа се вклучија во акцијата на РЕСИС за формирање на Мрежа од совети, преку која тие координирано ќе влијаат врз медиумските политики.

Втората фаза на ова истражување, која се спроведува до декември 2020 година, се состои од консултативен процес со граѓанските организации за нацрт-Стратегијата за вмрежување и комуникација. Во Третата фаза, која ќе зпаочне во 2021 година, ќе се спроведуваат работилници со граѓанските организации и формално ќе се конституира Мрежата од совети на публики.

Мониторинг на медиумскиот плурализам во дигиталното време

Почнувајќи од септември 2020 година, во соработка со Центарот за медиумски плурализам и медиумски слободи од Фиренца (CMPF), тимот на РЕСИС по втор пат ќе изработи прооценка на состојбата со медиумскиот плурализам во земјава. Проектот Мониторинг на медиумскиот плурализам во дигиталното време (МПМ 2020/2) е сеопфатен научно-истражувачки зафат кој има за цел да ја процени виталноста на медиумските екосистеми и заканите за медиумските слободи и плурализмот во европските земји. Ова е четврта по ред проценка на состојбата со медиумскиот плурализам во европските земји, а во Северна Македонија прв пат ваква студија беше изработена во 2017 година. Резултатите од истражувањето ќе овозможат да се согледа состојбата во четири главни области: Базична заштита, Плуралност на пазарот, Политичка независност и Социјална инклузивност. Проектот го координира Центарот за медиумски плурализам и медиумски слободи од Фиренца, финансиран со поддршка на Европската унија.

Влијанието на новите медиуми врз јавното мислење и врз работењето на традиционалните медиуми

РЕСИС ги истражува и промените што се случуваат во општественото опкружување под влијание на забрзаниот развој на новите технологии. Во фокусот на овој истражувачки проект, спроведен во 2020 година, беа новите онлајн медиуми, кои на домашната публика и нудат информации, едукација и забава и кои со тоа се повеќе влијаат и врз креирањето на јавното мислење, но се чини и врз економското работење традиционалните медиуми. Во истражувањето се компарираат податоците за публиката на онлајн и на традиционалните медиуми, од една страна, и за приходите од огласување на овие два медиумски сектори, од друга страна. Резултатите покажуваат дека онлајн медиумите се повеќе ги привлекуваат огласувачите, но и дека телевизијата е сеуште останува влијателен извор на информирање, едукација и забава. Истражувањето беше спроведено за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Нивоа на медиумска писменост кај возрасното население во РСМ

Во 2019 година, РЕСИС ја изработи методологијата и ги интерпретираше податоците од второто мапирање на индивидуалните нивоа на медиумска писменост во земјава. Истражувањето беше спроведено за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а поддржано од канцеларијата на ОБСЕ во Скопје. Резултатите од истражувањето беа презентирани пред членките на Мрежата за медиумска писменост во ноември 2019 година и послужија како основа за спроведување кампања за подигнување на нивото на критичка свесност и претпазливост на населението при восприемањето различни медиумски содржини.

Индикатори на нивото на медиумски слободи и безбедноста на новинарите од Западен Балкан

Истражувачите на РЕСИС, петта година по ред, го координираат регионалното истражување што го спроведуваат новинарските здруженија од Западен Балкан, во рамки на Регионалната платформа за застапување за медиумски слободи и безбедност на новинарите на Западен Балкан. Новинарските здруженија, под менторство на РЕСИС, секоја година собираат податоци, го анализираат спроведувањето на законите и ги следат случувањата во поглед на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во своите земји. Врз основа на собраните информации и податоци, тие преземаат низа активности со цел да се промени политичкото, законското и институционалното опкружување во кое работат медиумите и новинарите. Собраните податоци, факти и наоди од истражувањето им помогнаа на новинарските здруженија да ги зајакнат своите аргументи и ставови при застапувањето и да станат клучни актери во напорите да се подобри состојбата со медиумските слободи и безбедноста на новинарите во регионот. Проектот е финаисски поддржан од Европската комисија. Врз основа на извечтати на новинарските здруженија, во 2018 година РЕСИС изработи и компаративна анализа за нивото на медиумските слободи и безбедноста на новинарите од Западен Балкан.

ПОДДРШКА

НВО Повеќе
ИНСТИТУЦИИ Повеќе

ИСТРАЖУВАЊА

ПРОЕКТИ Повеќе
ПУБЛИКАЦИИ Повеќе