ИСТРАЖУВАЊА
ИНСТИТУТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВЕНИОТ РАЗВОЈ

ИСТРАЖУВАЊА

ПРОЕКТИ Повеќе
ПУБЛИКАЦИИ Повеќе

Публикации:

Плурализам на медиумската сопственост во новото медиумско опкружување (2020)

Во Студијата се сумирани најважните концепти во регулирањето на медиумската сопственост во аудиовизуелниот сектор, претставена е регулаторната рамка на ЕУ и законите на неколку европски земји и земји од соседството, а потоа се анализира домашната легислатива и практичните аспекти на нејзиното спроведување. Препораките дадени во Студијата треба да и послужат на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, да изгради предлози за нови законски решенија што ќе овозможат регулирање на медиумската сопственост во променетото дигитално опкружување. Студијата е нарачана од Советот на Европа, како дел од акцијата „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“ (JUFREX 2).
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Утврдување на влијанието на новите медиуми врз формирањето на јавното мислење и врз работењето на традиционалните медиуми (2020)

Студијата дава сеопфатна слика за променетите навики на публиката во дигиталното опкружување и практиките на огласување во традиционалните и во онлајн медиумите. Истражувањето изобилува со различни видови податоци и претставува прв обид да се мапира состојбата на пазарот на онлајн огласувањето во земјава. Студијата е изработена за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во рамки на нејзината надлежност да го следи развојот аудиовизуелниот сектор и конвергенцијата со електронските комуникации и услугите на информатичкото општество.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Родот во медиумите 2019: Анализа на родовите аспекти во програмата за деца на националните терестријални телевизии

Студијата на Институтот РЕСИС во која се анализираат родовите аспекти во детската програма на националните телевизии, е прво сеопфатно завлегување во родовите прашања во програмите за деца во Република Северна Македонија. Истражувањето, користејќи квалитативна и квантитативна стратегија, ги анализира конструираните општествените маркери за родот во детската програма. Студијата ѝ овозможува на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, да ги дизајнира идните медиумски политики во овој програмски домен.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Мапирање на нивоата на медиумска писменост во РСМ – кај популацијата на возраст над 16 години (2019)

Истражувањето дава сеопфатна слика за индивидуалните обрасци на користење на медиумите, комуникациските навики и вештини на публиката, нивоата на знаење и критичко разбирање на медиумските содржини, како и креативните и партиципативните практики на публиката во современото комуникациско опкружување. Податоците се добиени со теренска анкета на примерок од 1358 испитаници, репрезентативен за населението на РСМ на возраст над 16 години. Студијата е реализирана за Мисијата на ОБСЕ и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која е законски обврзана да презема активности за развивање на медиумската писменост во земјава.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Индикатори за нивото на медиумските слободи и безбедноста на новинарите во Западен Балкан: Компаративна анализа 2018

Анализата ги сумира трендовите во развојот на медиумските слободи и безбедноста на новинарите во Западен Балкан во периодот од 2016 до 2018 година, во поглед на три клучни прашања: какво е правното опкружување во кое работат медиумите и новинарите, каква е позицијата на новинарите во редакциите и колку новинарите се безбедни при вршењето на својата професија? Истражувањето го координираше тимот на РЕСИС а го спроведоа истражувачи на новинарските здруженија и синдикати од БиХ, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија, во рамки на проектот Регионална платформа за застапување за медиумски слободи и безбедност на новинарите, поддржан од Европската унија.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Компаративна анализа на политичкото огласување во медиумите (2018)

Оваа анализа на компаративен начин ја разгледува регулативата за политичкото огласување во медиумите во неколку европски земји и во Северна Македонија. Целта на анализата е да поттикне јавна расправа за аргументите кои ги користат развиените демократии и Европскиот суд за човекови права при оценката на негативното влијание што политичкото огласување може да го има врз јавната сфера, новинарството и, генерално, врз слободата на изразувањето. Анализата е изработена за потребите на Здружението на новинарите на Македонија, со финансиска поддршка на Фондацијата Конрад Аденауер и Европската Унија.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Мониторинг на медиумскиот плурализам во Европа: Примена на Мониторот на медиумскиот плурализам 2017 во Европската унија, Македонија, Србија и Турција

Во анализата која се однесува на 2017 година се идентификуваат потенцијалните ризици за медиумскиот плурализам во РСМ, во четири главни области: Базичната заштита, Пазарниот плурализам, Политичката независност на медиумите и Социјалната инклузивност во медиумскиот сектор. Оваа прва сеопфатна проценка на состојбата со медиумскиот плурализам во земјата е реализирана како дел од проектот Монитор на Медиумскиот Плурализам (МПМ) координиран од Центарот за медиумски плурализам од Фиренца, а поддржан од Европската унија.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Партиципативен модел за јавните медиуми во Македонија: заживување на една идеја (2017)

Овој документ за политики го елаборира тврдењето дека потенцијалот за трансформација на јавниот радиодифузен сервис во Република Македонија мора да се темели врз следниве негови вредности: граѓанство, универзалност, квалитет и доверба. Насоката во која треба да се движи развојот јавната радиотелевизија е ‘партиципативен модел на јавен сервис’ (ПМЈС) – модел кој почива на цврсти и стабилни врски со јавноста и граѓанското општество. Документот е изготвен во рамки на проектот „Перспективи и развој на јавните медиумски сервиси: Компаративна студија на развојот на јавните радиодифузни сервиси од Западен Балкан во светлината на евроинтеграциите“, што го имплементираше Центарот за општествени истражувања Аналитика од Сараево, во соработка со Универзитетот од Фајбург, а финансиран од Швајцарската национална фондација за наука, преку програмата SCOPES.
ЗА ПУБЛИКАЦИЈАТА

Истражувачки проекти:

Акциско истражување за формирање Мрежа од совети на публики

Во периодот од октомври 2019 до март 2020 година, со поддршка на Програмата Цивика Мобилитас, РЕСИС ја спроведе првата фаза на акциското истражување во кое беа опфатени над 50 граѓански организации на локално ниво кои работат со различни ранливи групи: деца и малолетници, лица со сетилна и друга попреченост, лица со ретки болести, припадници на ЛГБТ заедницата, социјално загрозени групи, зависници и други ранливи групи. Низ истражувачкиот процес, самите граѓански организации критички ги проценуваа медиумските содржини и состојбите во медиумската сфера и притоа се вклучија во акцијата на РЕСИС за формирање на Мрежа од совети, преку која тие координирано ќе влијаат врз медиумските политики.

Втората фаза на ова истражување, која се спроведува до декември 2020 година, се состои од консултативен процес со граѓанските организации за нацрт-Стратегијата за вмрежување и комуникација. Во Третата фаза, која ќе зпаочне во 2021 година, ќе се спроведуваат работилници со граѓанските организации и формално ќе се конституира Мрежата од совети на публики.

Мониторинг на медиумскиот плурализам во дигиталното време

Почнувајќи од септември 2020 година, во соработка со Центарот за медиумски плурализам и медиумски слободи од Фиренца (CMPF), тимот на РЕСИС по втор пат ќе изработи прооценка на состојбата со медиумскиот плурализам во земјава. Проектот Мониторинг на медиумскиот плурализам во дигиталното време (МПМ 2020/2) е сеопфатен научно-истражувачки зафат кој има за цел да ја процени виталноста на медиумските екосистеми и заканите за медиумските слободи и плурализмот во европските земји. Ова е четврта по ред проценка на состојбата со медиумскиот плурализам во европските земји, а во Северна Македонија прв пат ваква студија беше изработена во 2017 година. Резултатите од истражувањето ќе овозможат да се согледа состојбата во четири главни области: Базична заштита, Плуралност на пазарот, Политичка независност и Социјална инклузивност. Проектот го координира Центарот за медиумски плурализам и медиумски слободи од Фиренца, финансиран со поддршка на Европската унија.

Влијанието на новите медиуми врз јавното мислење и врз работењето на традиционалните медиуми

РЕСИС ги истражува и промените што се случуваат во општественото опкружување под влијание на забрзаниот развој на новите технологии. Во фокусот на овој истражувачки проект, спроведен во 2020 година, беа новите онлајн медиуми, кои на домашната публика и нудат информации, едукација и забава и кои со тоа се повеќе влијаат и врз креирањето на јавното мислење, но се чини и врз економското работење традиционалните медиуми. Во истражувањето се компарираат податоците за публиката на онлајн и на традиционалните медиуми, од една страна, и за приходите од огласување на овие два медиумски сектори, од друга страна. Резултатите покажуваат дека онлајн медиумите се повеќе ги привлекуваат огласувачите, но и дека телевизијата е сеуште останува влијателен извор на информирање, едукација и забава. Истражувањето беше спроведено за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Нивоа на медиумска писменост кај возрасното население во РСМ

Во 2019 година, РЕСИС ја изработи методологијата и ги интерпретираше податоците од второто мапирање на индивидуалните нивоа на медиумска писменост во земјава. Истражувањето беше спроведено за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а поддржано од канцеларијата на ОБСЕ во Скопје. Резултатите од истражувањето беа презентирани пред членките на Мрежата за медиумска писменост во ноември 2019 година и послужија како основа за спроведување кампања за подигнување на нивото на критичка свесност и претпазливост на населението при восприемањето различни медиумски содржини.

Индикатори на нивото на медиумски слободи и безбедноста на новинарите од Западен Балкан

Истражувачите на РЕСИС, петта година по ред, го координираат регионалното истражување што го спроведуваат новинарските здруженија од Западен Балкан, во рамки на Регионалната платформа за застапување за медиумски слободи и безбедност на новинарите на Западен Балкан. Новинарските здруженија, под менторство на РЕСИС, секоја година собираат податоци, го анализираат спроведувањето на законите и ги следат случувањата во поглед на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во своите земји. Врз основа на собраните информации и податоци, тие преземаат низа активности со цел да се промени политичкото, законското и институционалното опкружување во кое работат медиумите и новинарите. Собраните податоци, факти и наоди од истражувањето им помогнаа на новинарските здруженија да ги зајакнат своите аргументи и ставови при застапувањето и да станат клучни актери во напорите да се подобри состојбата со медиумските слободи и безбедноста на новинарите во регионот. Проектот е финаисски поддржан од Европската комисија. Врз основа на извечтати на новинарските здруженија, во 2018 година РЕСИС изработи и компаративна анализа за нивото на медиумските слободи и безбедноста на новинарите од Западен Балкан.

ПОДДРШКА

НВО Повеќе
ИНСТИТУЦИИ Повеќе