ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЕКТИ
ИНСТИТУТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВЕНИОТ РАЗВОЈ

Индекс на безбедноста на новинарите од Западен Балкан

Во текот на 2022 година, РЕСИС и партнерите на платформата Safejournalists.Net ќе работат на второто истражување за Индексот на безбедност на новинарите од Западен Балкан. Во 2021 година РЕСИС ја разви методологијата и ја координираше пилот-студијата со која прв пат беше измерена безбедноста на новинарите во седум земји на Западен Балкан. Студијата за Северна Македонија можете да ја најдете овде.

Индексот на безбедност на новинарите е алатка заснована врз истражување со која се мерат и набљудуваат промените во општественото и политичкото опкружување на земјите од Западен Балкан, кои имаат директно и индиректно влијание врз безбедноста на новинарите и медиумските актери при вршењето на нивната професија. Врз основа на истражувач-ките податоци, девет експерти од секоја земја ја проценуваат состојбата и даваат оценки за секој од 19-те индикатори во рамки на следните димензии:
1) Правно и организациско опкружување – постоење и примена на правни гаранции важни за безбедноста на новинарите
2) Превенција - постоење и примена на низа превентивни мерки кои имаат директен ефект врз заштитата и безбедноста на нвоинарите.
3) Процесирање – однесувањето на државните институции и носителите на јавни функции кон новинарите и ефикасноста на кривичниот и граѓанскиот правен систем во истрагите на заканите и насилството кон новинарите.
4) Стварна безбедност - инциденти и различни форми на закани и чинови на насилство врз новинари и медиуми.

Акциско истражување за формирање Мрежа од совети на публики

Институтот РЕСИС, со поддршка на Програмата Цивика Мобилитас ја формираше Мрежата од совети на публики во која досега се приклучија над 50 граѓански организации кои работат со различни ранливи групи: деца и малолетници, лица со сетилна и друга попреченост, лица со ретки болести, припадници на ЛГБТ заедницата, социјално загрозени групи, зависници и други ранливи групи. Целта на Мрежата е да ги поттикне ранливите групи и нивните граѓански организации заеднички и координирано да работат на остварување на комуникациските права на ранливите групи во јавната сфера.
На работилниците што ги организираше РЕСИС граѓанските организации од различните региони низ земјава зборуваа за актуелните проблеми со кои ранливите групи се соочуваат во јавната сфера и за неопходните чекори што треба да се преземат во полето на медиумските политики за да се надминат овие проблеми.
На формирањето на Мрежата и претходеше процес на Акциско истражување во кое граѓанските организации критички ги проценуваа медиумските содржини, состојбите во медиумскиот плурализам и јавната сфера пошироко. Врз основа на резултатите од акциското истражување РЕСИС изготви и Насоки за стратегиско умрежување и комуникација, кои содржат основни принципи и насоки за дејствување на Мрежата.
РЕСИС ќе ги поттикнува и ќе им помага на членките на Мрежата да спроведуваат кредибилни истражувања на начинот на кој во медиумските содржини и во јавната сфера пошироко се претставуваат ранливите групи и нивните права.

Мониторинг на медиумскиот плурализам во дигиталното време

Почнувајќи од септември 2020 година, во соработка со Центарот за медиумски плурализам и медиумски слободи од Фиренца (CMPF), тимот на РЕСИС по втор работеше на прооценка на состојбата со медиумскиот плурализам во земјава. Проектот Мониторинг на медиумскиот плурализам во дигиталното време (МПМ 2020/2) е сеопфатен научно-истражувачки зафат кој има за цел да ја процени виталноста на медиумските екосистеми и заканите за медиумските слободи и плурализмот во европските земји. Ова е четврта по ред проценка на состојбата со медиумскиот плурализам во европските земји, а во Северна Македонија прв пат ваква студија беше изработена во 2017 година.
Резултатите од истражувањето овозможуваат да се согледа состојбата во четири главни области: Базична заштита, Плуралност на пазарот, Политичка независност и Социјална инклузивност. Проектот го координира Центарот за медиумски плурализам и медиумски слободи од Фиренца, финансиран со поддршка на Европската унија. Проектот Мониторинг на медиумскиот плурализам во дигиталното време (МПМ 2020/2) е сеопфатен научно-истражувачки зафат кој има за цел да ја процени виталноста на медиумските екосистеми и заканите за медиумските слободи и плурализмот во европските земји. Ова е четврта по ред проценка на состојбата со медиумскиот плурализам во европските земји, а во Северна Македонија прв пат ваква студија беше изработена во 2017 година.
Резултатите од истражувањето ќе овозможат да се согледа состојбата во четири главни области: Базична заштита, Плуралност на пазарот, Политичка независност и Социјална инклузивност. Проектот го координира Центарот за медиумски плурализам и медиумски слободи од Фиренца, финансиран со поддршка на Европската унија.

Влијанието на новите медиуми врз јавното мислење и врз работењето на традиционалните медиуми

РЕСИС ги истражува и промените што се случуваат во општественото опкружување под влијание на забрзаниот развој на новите технологии. Во фокусот на овој истражувачки проект, спроведен во 2020 година, беа новите онлајн медиуми, кои на домашната публика и нудат информации, едукација и забава и кои со тоа се повеќе влијаат и врз креирањето на јавното мислење, но се чини и врз економското работење традиционалните медиуми.
Во истражувањето се компарираат податоците за публиката на онлајн и на традиционалните медиуми, од една страна, и за приходите од огласување на овие два медиумски сектори, од друга страна. Резултатите покажуваат дека онлајн медиумите се повеќе ги привлекуваат огласувачите, но и дека телевизијата е сеуште останува влијателен извор на информирање, едукација и забава. Истражувањето беше спроведено за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Нивоа на медиумска писменост кај возрасното население во РСМ

Во 2019 година, РЕСИС ја изработи методологијата и ги интерпретираше податоците од второто мапирање на индивидуалните нивоа на медиумска писменост во земјава. Истражувањето беше спроведено за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а поддржано од канцеларијата на ОБСЕ во Скопје.
Резултатите од истражувањето беа презентирани пред членките на Мрежата за медиумска писменост во ноември 2019 година и послужија како основа за спроведување кампања за подигнување на нивото на критичка свесност и претпазливост на населението при восприемањето различни медиумски содржини.

Индикатори на нивото на медиумски слободи и безбедноста на новинарите од Западен Балкан

Истражувачите на РЕСИС, петта година по ред, го координираат регионалното истражување што го спроведуваат новинарските здруженија од Западен Балкан, во рамки на Регионалната платформа за застапување за медиумски слободи и безбедност на новинарите на Западен Балкан.
Новинарските здруженија, под менторство на РЕСИС, секоја година собираат податоци, го анализираат спроведувањето на законите и ги следат случувањата во поглед на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во своите земји. Врз основа на собраните информации и податоци, тие преземаат низа активности со цел да се промени политичкото, законското и институционалното опкружување во кое работат медиумите и новинарите. Собраните податоци, факти и наоди од истражувањето им помогнаа на новинарските здруженија да ги зајакнат своите аргументи и ставови при застапувањето и да станат клучни актери во напорите да се подобри состојбата со медиумските слободи и безбедноста на новинарите во регионот. Проектот е финаисски поддржан од Европската комисија.
Врз основа на извештаи на новинарските здруженија, во 2018 година РЕСИС изработи и компаративна анализа за нивото на медиумските слободи и безбедноста на новинарите од Западен Балкан.

ПОДДРШКА

НВО Повеќе
ИНСТИТУЦИИ Повеќе

ИСТРАЖУВАЊА

ПРОЕКТИ Повеќе
ПУБЛИКАЦИИ Повеќе