ВЕСТИ И НАСТАНИ
ИНСТИТУТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВЕНИОТ РАЗВОЈ

Студијата „Ставовите и перцепциите на новинарите за транспарентноста на судството: компаративна студија во три земји од Западен Балкан: Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија“ ги претставува наодите од регионалниот истражувачки проект спроведен меѓу новинари од три земји од Западен Балкан: Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија. Авторка на студијата е д-р Снежана Трпевска од Институтот за истражување на општествениот развој – РЕСИС.

Screenshot 2023 01 13 122425

Главната цел на студијата е да се добие увид и да се идентификуваат начините за олеснување на дијалогот и соработката меѓу новинарите и судските власти во овие земји, како и да се воспостават приоритетни области и активности за трансформирање на сегашниот „антагонистички“ однос во партнерство заради доброто на јавноста. Ова е прва сеопфатна студија на регионално ниво која компаративно ги испитува различните аспекти и причините за тензичниот однос меѓу овие две професии, исклучително важни во едно демократско општество.

Според мнозинството анкетирани новинари, и покрај некои позитивни исклучоци, судовите не се доволно отворени за новинарите и не одговараат навремено на нивните барања за информации, а во односите меѓу судството и медиумите доминира атмосфера на тајност и страв. Употребата на алатките за комуникација од страна на судовите е многу ограничена и во голема мера се сведува на соопштенија за печатот, информации објавени на веб-страниците и комуникација со портпаролите, додека судиите и претседателите на судовите ретко се достапни за новинарите. Документите и информациите од обвинителствата и судовите, како и записниците од рочиштата се тешко достапни. Новинарите не се чувствуваат заштитени од судскиот систем бидејќи неказнивоста на нападите врз нив е многу висока во регионот. Поради тоа, во новинарската заедница владее клима на страв и автоцензура, што во крајна линија ја спречува слободната циркулација на информации.

Д-р Снежана Трпевска во компаративното истражување навлегува и во причините за ваквата тензија и тврди дека за тоа се одговорни и медиумите и судството. Под притисок на конкуренцијата во дигитализираното пазарно опкружување, за да добијат повеќе публика, медиумите сé почесто се одлучуваат за сензационалистичко или таблоидно известување наместо да вложуваат во поскапа

продукција на продлабочени новинарски стории. Судството, од друга страна, честопати не сака да соработува со новинарите, неоправдано спречува снимање за време на судските рочишта, ниту им дава доволно информации на новинарите по рочиштата. Ова резултира со сериозен информативен јаз, кој честопати е исполнет со неточни толкувања на одлуките на судот и поради тоа доведува до недоверба на јавноста и во медиумите и во судскиот систем.

Студијата се осврнува и на недостатоците во знаењето на новинарите во однос на основните принципи и стандарди на известувањето од судските постапки и судството воопшто, како и на проблемите во самите редакции. Поради недостиг од кадар и финансиски тешкотии ниту еден од анкетираните новинари не работи исклучиво на теми поврзани со правосудниот систем, односно мнозинството новинари само повремено известува за работата на судовите и за судските рочишта.

Односот меѓу медиумите и судството е загатка која не може да се реши за два или три месеца (па дури и за неколку години). Тоа е системски проблем врз кој влијаат многу фактори, но најмногу констелацијата на односите во политичкиот систем (силите кои се на власт) и постојаните притисоци од пазарното опкружување. За да се постави здрава основа за дијалог и успешна комуникација, клучен фактор се новинарските здруженија кои треба да ја иницираат, зајакнат и одржуваат соработката со судството.

Наодите од истражувањето беа претставени на Регионалната конференција „Судската комуникација и безбедноста на новинарите“ што се одржа во Белград, Србија на 13-14 октомври 2022 година, во организација на Free Press Unlimited и Холандскиот Хелсиншки комитет.

Студијата „Ставовите и перцепциите на новинарите за транспарентноста на судството: компаративна студија во три земји од Западен Балкан: Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија“ е дел од регионалниот проект „Зајакнување на слободата на медиумите во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија“ финансиран од Кралството Холандија. Студијата може да се преземе ТУКА.

ПОДДРШКА НА НВО
Повеќе
ПОДДРШКА НА ИНСТИТУЦИИ
Повеќе
ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЕКТИ
Повеќе
ИСТРАЖУВАЧКИ ПУБЛИКАЦИИ
Повеќе