Објавена е нова проценка на ризиците за медиумскиот плурализам во Северна Македонија, што РЕСИС ја спроведе во рамки на проектот Media Pluralism Monitor 2022 (MPM2022), координиран од Центарот за медиумски плурализам и медиумски слободи од Фиренца. Проценката која се однесува на 2021 година го заклучува следното: реформскиот замор, клиентелистичките притисоци од политичкиот домен кон медиумите (и обратно) и внатрешните партиско-политички конфронтации, заедно со структурните притисоци кои не се ексклузивни само за земјава - како што се дезинформациите и мисинформациите во јавната сфера, засилени од здравствените предизвици поврзани со КОВИД 19, сето ова влијаеше врз оценката дека на медиумскиот систем во оваа земја му треба нов поттик за конструктивни промени.
Нарушувањата во дигиталната сфера носат најголеми ризици и критично влијаат врз севкупната состојба на медиумскиот систем. Развојот на овој домен, како и насекаде во светот, сè повеќе привлекува различни публики и корисници, но исто така и ги изложува на мноштво ризици – пролиферацијата на мисинформации, дезинформации и штетни содржини не е проследена со еднаква способност на публиката за критичко расудување и анализа на тие содржини. Тоа, пак, ги зголемува ризиците од дестабилизација на целиот политички систем во ова мало, но политички, економски и демографски комплексно општество. Досега, регулаторните политики на Северна Македонија и (најважно) нејзиниот образовен систем не дадоа соодветен одговор на овие промени, а во текот на 2021 година не беа забележани подобрувања во овој поглед.
Мониторот на медиумскиот плурализам 2022 (MPM2022) е научен и холистички зафат со кој се документира виталноста на медиумските екосистеми, се детектираат заканите за медиумскиот плурализам и слобода во земјите членки и земјите кандидатки за членство во Европската унија.