Институтот РЕСИС за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ја изработи Анализата „Родот во медиумите 2021: Родовите прашања и начинот на претставување на жените и мажите во спортската програма на националните терестријални телевизии“. Ова е прва анализа која дава квантитативен и квалитативен увид во тоа колку и на кој начин известуваат националните телевизии за спортистките и спортовите во женска конкуренција, наспроти спортистите и спортовите во машка конкуренција.
Aнализата покажа дека информирањето за спортот и спортските настани и пренесувањето на спортските натпреварувања, има значајно место во вкупната програмска шема на Јавниот радиодифузен сервис. Јавниот сервис води осмислена и конзистентна уредувачка политика поврзана со спортот, односно кај него има жанровска разноликост и очигледно голем диверзитет на претставени спортови на кои им е отстапено забележително времетраење. Сепак, на програмата на трите анализирани канали – МРТ 1, МРТ 2 и МРТ 3, доминираат тимските спортови во машка конкуренција. Покрај тоа, во спортските редакции доминираат новинарите наспроти маргиналното учество на новинарки, а на екранот како соговорници се многу поприсутни мажите спортски работници или спортски експерти.
Приватните телевизии ТВ Алфа, ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма и ТВ Алсат-М значително помалку време му посветуваат на спортот во однос на Јавниот сервис. Меѓу петте приватни телевизии има видливи разлики во начините на кои ги покриваат спортските настани и во вниманието кое му го посветуваат на спортот, а во редовната спортска информативна програма - сметајќи ги индивидуалните и тимските спортови - има доминација на спортовите во машка конкуренција. Жените експертки за спорт како соговорнички во емисиите се речиси целосно отсутни од редовната програма на приватните телевизии, односно ставови и анализи за спортските настани редакциите барале доминантно од машки спортски работници.
Резултатите од ова истражување ќе ѝ овозможат на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да креира идни регулаторни политики, како и да ги поттикне медиумите во македонскиот медиумски простор во остварувањето на нивните законски обврски кои се однесуваат на воспоставувањето и промовирањето родова еднаквост во програмите.