Мрежата од совети на публики е формирана за да им овозможи на граѓанските организации да дејствуваат на консолидиран и координиран начин со цел да ги унапредат комуникациските права на ранливите групи во медиумската сфера, да им обезбеди пристап до процесите на креирање на медиумските политики и да гарантира нивна соодветна застапеност во медиумските содржини.
Формирањето на Мрежата беше иницирано и стратешки структурирано од Институтот РЕСИС на почетокот на оваа година, по долготрајниот истражувачки процес кој ги дефинираше проблемите и ги лоцираше комуникациските потреби на ранливите групи во Северна Македонија.
Мрежата е составена од над 50 граѓански организации кои работат со разни ранливи категории: деца и малолетни лица, лица со физичка, ментална, интелектуална и сетилна попреченост, лица со ретки болести, членови на ЛГБТ заедницата, социјално загрозени групи, лица кои живеат со зависности и други ранливи групи.
Во изминатите три месеци се одржаа 6 работилници со претставници на граѓански организации од сите региони низ целата земја како и претставници на Советот за етика во медиумите и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. На работилниците беа идентификувани неколку клучни проблеми со кои се соочуваат ранливите групи во јавната сфера и се разговараше за заеднички иницијативи и идеи за нивно надминување:
- Пристапот на ранливите групи и на локалните заедници до медиумските содржини е сериозно загрозен поради неколку причини: јавниот сервис е маргинализиран и ја изгубил врската со граѓанското општество; националните приватни медиуми се фокусираат на политиката и главно на настани на централно ниво; со локалните медиуми постои извесна соработка, но тие најчесто маргинално ги покриваат темите што ги засегнуваат ранливите групи;
- Работата на граѓанските организации и кампањите за подигнување на свеста што тие ги водат се од јавен интерес, но аудиовизуелната регулатива не го дефинира ова прашање соодветно, поради што комерцијалните медиуми често одбиваат да им дадат соодветен пристап до нивното време или бараат високи суми за нивното емитување;
- Говорот на омраза, дискриминацијата и други навредливи содржини кон одделни ранливи категории граѓани се многу повеќе присутни на интернет, но содржините од овој дел од јавната сфера не се предмет на законска регулација, така што е неопходно граѓанските организации многу повеќе да соработуваат со Советот за етика во медиумите (кога станува збор за онлајн медиумите) или заеднички да следат и да реагираат кога на социјалните мрежи се повредуваат правата на која било ранлива група;
- Потребно е да се интензивира комуникацијата на граѓанските организации и со регулаторното тело – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која има надлежности и инструменти за влијание врз медиумскиот плурализам и содржинската разновидност во аудиовизуелната сфера – со цел да се подобри пристапот и видливоста на ранливите групи во аудиовизуелните содржини.
Акцијата на институтот РЕСИС е поддржана од Програмата Цивика Мобилитас. Како институционална поддршка, Цивика Мобилитас е посветена на помагање и зајакнување на одржливите иницијативи кои целат кон долгорочни стратешки промени.