ВЕСТИ И НАСТАНИ
ИНСТИТУТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВЕНИОТ РАЗВОЈ

На 15-ти јуни 2021 година, се одржа петтата работилница на тема: „Правата на ранливите групи во медиумската област“ со граѓанските организации од Полошкиот и Југозападниот регион. На работилницата се разви дискусија за работата на онлајн медиумите и говорот на омраза против ранливите групи на социјалните медиуми и порталите. Онлајн медиумите не се регулирани со закон, туку со со саморегулаторни акти, а содржината на социјалните мрежи не е предмет на регулација. Затоа, мошне важно е граѓанските организации да се самоорганизираат и заеднички да ги следат и реагираат на содржините објавени на социјалните мрежи.  

rabotilnica poloshki jugozapaden

Беким Асани, од ЛГБТ Јунајтед од Тетово, го истакна проблемот на ширењето говор на омраза и навредливи содржини кон ЛГБТ заедницата на социјалните мрежи и во онлајн медиумите. Имено, се случува онлајн медиумите да преземаат изјави на на припадници на ЛГБТ заедницата објавени во статуси или дури и коментари на социјалните мрежи за да обработат теми кои се од јавен интерес, но притоа не внимаваат во каков контекст ги сместуваат тие изјави и дали тоа може да има негативни последици врз авторот на изјавата или пошироко врз припадниците на ЛГБТ заедницата. На порталите секојдневно треба да се следи што се случува околу говорот на омраза, не само кон ЛГБТ заедницата, туку и за другите групи маргинализираните граѓани.

Себајете Зенку, од Здружението Етика од Тетово, се согласи дека онлајн медиумите некогаш прават и ненамерни грешки, така што соработката на граѓанските организации со нив е мошне важна за брзо регирање и отстранување на говорот на омраза или други навредливи содржини за припадници на ранливите групи. Таа го посочи примерот на онлајн медиум кој објавил вест на социјалните мрежи за настан што го организирало нивното здружение, при што имало непристојни коментари под веста. Откако реагирале од здружението, медиумот се извинил веднаш ги отстранил коментарите. Скоро сите граѓански организации кои се занимаваат со правата на ранливите категории граѓани ги имаат истите проблеми, затоа е мошне важно тие меѓусебно да се поддржуваат и да преземаат заеднички иницијативи.

Џане Крешова од Женски Форум од Тетово го искажа ставот дека граѓанските организации треба да соработуваат и заемно да се поддржуваат особено кога некои ранливи групи се мошне често предмет на говор на омраза и напади. Таквата заедничка иницијатива и поддршка го засилува гласот на сите ранливи групи и ја подигнува свеста за нивните човекови права. Таа го посочи примерот кога нивната организација учествувала на парадата на гордоста организирана од граѓанските организации кои работат со ЛГБТ заедницата. Ова е особено важно во средини во кои доминираат конзервативни ставови кон овие прашања.

Царева Рувинова од Опција Охрид, нагласи дека нивната соработка со локалните медиуми добра, тоа им овозможува редовно да комуницираат и да се информираат заемно за темите поврзани со правата на ранливите заедници, за правилно користење на терминологијата во јавниот дискурс. Џане Крешова од Женски Форум кон ова додаде дека и кај нив во Тетово со локалните медиуми имаат континуирана добра соработка, но сепак се чини дека темите за правата и животот на ранливите групи како да се ставени во втор план, бидејќи во фокусот на приватните медиуми се политичарите. Во време на избори, на пример, граѓанските организации и темите на кои тие работат се целосно занемарени.

На работилницата учествуваа граѓанските организации: ЛГБТ Јунајтед, Женски форум, Среќен Живот, Здружение ИГИ и Здружение Етика од Полошкиот регион, како и Порака Нова, Инклузија и Опција Охрид од Југозападниот регион. Покрај нив, на работилницата учествуваа претставници на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни емдиумски услуги и на Советот за етика во медиумите. Оваа работилница на Институтот РЕСИС беше одржана со поддршка на Програмата Цивика Мобилитас.

ПОДДРШКА НА НВО
Повеќе
ПОДДРШКА НА ИНСТИТУЦИИ
Повеќе
ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЕКТИ
Повеќе
ИСТРАЖУВАЧКИ ПУБЛИКАЦИИ
Повеќе