ВЕСТИ И НАСТАНИ
ИНСТИТУТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВЕНИОТ РАЗВОЈ

На четвртата работилница за „Правата на ранливите групи во јавната сфера“ одржана на 1 јуни 2021 година, со претставници на граѓанските организации од Пелагонискиот регион, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Советот за етика во медиумите се дебатираше за пристапот на ранливите групи до медиумите, за потребата од соработка на граѓанските организации со новинарите, но и за тоа дека приватните медиуми треба да покажат поголем интерес и  одговорност во подигнувањето на свеста за правата на ранливите групи.   

22

Никола Ивановски, од организацијата Together од Битола, која работи со младите и студентската популација, посочи дека пристапот до телевизиските и радиските содржини е далеку помал за овие групи, за разлика од можностите што ги нудат онлајн медиумите и социјалните мрежи. Но, загрижува незаинтересираноста и демотивираноста на помладите генерации за користење на новите медиуми за социјално ангажирање и изразување на нивните ставови и иницијативи. Лела Јурукова, претставничка на здружението „СЕГА“ од Прилеп, додаде дека младите се секојдневно на социјалните мрежи, каде многу често се среќаваат со говор на омраза, дискриминирачки и манипулативни содржини, а не се доволно подготвени да ги препознаваат и да се заштитат. Од друга страна, не се ниту доволно информирани за тоа кои се нивните комуникациски права во поглед на традиционалните медиуми, ниту пак знаат каде да се пожалат. Она што ГО можат да го направат е да спроведат работилници на кои ранливите групи со кои работат ќе можат да се информираат за нивните права. Во моментов, здружението „СЕГА“ работи на проект кој треба да го поттикне дигиталното учество на младите во решавањето на проблемите на локално ниво.

Весна Алексовска од битолската организација Живот со предизвици, која работи со лицата со ретки болести, зборуваше за тоа дека од самиот почеток работат со нивните членови на стекнување комуникациски вештини со цел самите да ги изразуваат своите ставови преку социјалните или традиционалните медиуми. Особено обрнуваат внимание на аголот од кој ќе ги претстават проблемите на оваа ранлива група, тоа да не биде приказна која предизвикува  сожалување, туку приказна за храброст и надеж, преку барање системски решенија. Здружението е активно и на регионално ниво, формирана е и регионална Академија за застапување во рамки на која се споделуваат искуствата на земјите од регионот за тоа како да се работи со медиумите и институциите за да може успешно да се работи на застапувањето. Градат добра комуникација со медиумите, применуваат поинаков пристап кон новинарите, со цел да им ја доближат оваа тема и барања на лицата со ретки болести да бидат во фокусот на новинарската приказна. Имаат посебен проект „Ги запознаваме ретките болести“ кој веќе три години оди на регионални, локални и национални телевизии.

Стојан Мишев, од Здружението ЕСЕ од Битола, кое работат со жртви на семејно насилство, нагласи дека во текот на годините стекнувале вештини за тоа како да комуницираат со медиумите за да ја пренесат пораката односно да ги претстават резултатите од својата работа. Има одредени подобрувања во начинот на кој медиумите известуваат за оваа тема, но смета дека медиумите во иднина треба да покажат поголема одговорност и да се вклучат во подигањето на свеста кај населението за проблемот на семејното насилство. Се случува приватните медиуми, особено оние на национално ниво, да одбиваат да ги емитуваат содржините што ги подготвиле ГО, иако се се работи за тема која е од јавен интерес. Граѓанските организации имаат средства за организирање кампањи и подготовка на материјали, но немаат средства да ги емитуваат по тарифите кои ги налагаат националните медиуми. Ова прашање не е соодветно уредено во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, и треба да се земе предвид во актуелната дебата за измени на членот 102, односно за уредување на емитувањето кампањи од јавен интерес на аудиовизуелните медиуми.

ГО работат на секојдневни прашања кои се од интерес за граѓаните, оттаму треба да имаат полесен пристап до медиумите за да се подигнува свеста, граѓаните да се  информираат за нивните права, да се зголемат очекувањата на луѓето од властите и да се направи притисок тие да обезбедат заштита и промовирање на правата на ранливите групи. Улогата на медиумите може да биде од особена важност во зголемување на транспарентноста и отчетноста на институциите, на тој начин што медиумите при известувањето ќе ја нагласуваат  потребата за вклучување на граѓаните во процесот на одлучување или градење политики. Кај нас медиумите посветуваат внимание главно на декларативното усвојување на стратегии или програми, а не навлегуваат подлабоко во тоа како се усвоени истите и со колкав удел на граѓанските организации.

ПОДДРШКА

НВО Повеќе
ИНСТИТУЦИИ Повеќе

ИСТРАЖУВАЊА

ПРОЕКТИ Повеќе
ПУБЛИКАЦИИ Повеќе