Колку и како се претставени ранливите групи во локалните и националните медиуми, беше главна тема на дискусијата меѓу претставниците на граѓанските организации од Североисточниот регион на работилницата организирана на 27-ми април 2021 година, со поддршка на Програмата Цивика Мобилитас. Претставниците на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Емилија Петреска Камењарова) и на Советот за етика во медиумите (Мирче Адамчевски) на почетокот говореа за надлежностите и работата на овие тела и можностите за поврзување со локалните граѓански организации.
.
Даниела Атанасовска од здружението Норгес Вел од Крива Паланка нагласи дека сториите за предизвиците со кои се соочуваат луѓето од ранливите категории или за нивните успеси ретко допираат до пошироката јавност. Медиумите најчесто ги пренесуваат истите стереотипни претстави за овие групи, наместо да се обидуваат низ позитивни приказни и примери да ги менуваат. Ова особено се однесува на припадниците на ромската заедница - Дилбера Камберовска од Ромското здружение ДАЈА и Ахмет Јашаровски од ромското здружение ДРОМ од Куманово сметаат дека мора да се промени начинот на кој се претставува ромската заедница во медиумите. Се уште има примери на известување кога конкретен инцидент направен од поединец се поистоветува со однесувањето на целата заедница. Во традиционалните медиуми има подобрување, но порталите и социјалните медиуми изобилуваат со говор на омраза, дискриминација и стереотипизирање на ромската заедница. Според Флорим Зулфиу од албанското здружение Садакаја, медиумите не ја одразуваат реалноста на мултиетничкото општество во кое живееме. Недостасуваат квалитетни програми и содржини наменети за различните етнички заедници.
Лидија Илијевска од Ззружението Мајка ги нагласи тешкотиите со кои се соочуваат граѓанските организации за да добијат барем некаква видливост во медиумите, вклучувајќи ги и локалните приватни медиуми кои се на граница на самоодржливост и поради тоа се свртени првенствено кон содржини што им носат приход. Честа е праксата да се бара дури и одреден надомест за објавите на нивните канали, или да се менува содржината на веста со цел да се направи „таблоидна“ или „попривлечна“ за публиката. Граѓанските организации, затоа, немаат друга алтернатива освен да се свртат кон социјалните мрежи како алатка за споделување на информации.
Тања Арсовска од здружението Инклузива нагласи дека медиумите се уште употребуваат застарена или несоодветна терминологија за лицата со попреченост, но и подобрување на квантитетот и квалитетот на темите поврзани со овие лица во медиумите. Таа предложи креирање стандарди во известувањето за лицата со попреченост, поголема вклученост на овие лица или на претставниците на здруженијата во дебатните и информативните емисии и откривање на нови теми и приоди во известувањето за правата и условите на лицата со попреченост.
На работилницата учествуваа седум граѓански организации од Североисточниот регион: Инклузива, Ромско здружение „Даја“, Ромско здружение „ДРОМ“, Албанско здружение „Садакаја“, Здружението „Мајка“, Центарот за младински иницијативи „Цик-Цак“, Женското здружение „Норгенс Вел“. Сите изразија поддршка и желба да се вклучат во активностите на Мрежата од совети на публики.