Кои се комуникациските права на ранливите групи во јавната сфера? Со кои проблеми се соочуваат ранливите групи при остварувањето на нивните права? Како можат тие права да се унапредат низ умрежување и заеднички активности на граѓанските организации и како во тоа можат да помогнат Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми и Советот за етика во медиумите? Ова беа прашањата за кои, на онлајн работилницата одржана на 30 март 2021 година, разговараа неколку граѓански организации од Источниот регион со претставниците на регулаторното и саморегулаторното тело.
Драгана Митровиќ од ГО Младински клуб, нагласи дека имало ситуации кога новинарите поради не знаење ненамерно ширеле неточни информации или користеле изрази што може да создаваат отпор и нетрпеливост кон оваа ранлива група. Затоа, препорачливо е кога известуваат за проблемите со кои се соочуваат ‘зависниците’ да се консултираат и со ГО кои работат со нив во врска со сензитивноста на прашањето, начинот на изразување и прифатливата терминологија. Ние како ГО можеме да поттикнеме создавање на приказни кои ќе им помогнат на новинарите да известуваат без да се пренсуваат стереотипи.
Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалните заедници, Штип смета дека треба да се прави дистинкција помеѓу локалните и националните медиуми. За жал, многу често локалните медиуми служат како ‘паноа за рекламирање’ на политичарите, без критички однос кон нив. За ранливите групи се известува по еден шаблон што се повторува, а тоа е дека информациите за нив и за работата на ГО се маргинални, на крајот на вестите. Информацијата за тоа дека бил решен некој проблем на ранливите групи нема никогаш да се објави во поударните вести, освен ако градоначалникот не се појавил како поддршка на проектот. Освен тоа, новинарите тешко отвораат приказни кои имаат подлабока содржина и кои бараат потемелно истражување.
Василчо Илијев од ГО Мобилност, Кочани, потенцираше дека треба да се работи на рушење на стереотипите во размислувањето за ранливите групи што се темелат најчесто врз на т.н. “charity model” и да се воведува приод кон оваа тема со кој се гради нов социјален или хибриден модел, кој бара подобар баланс во објавувањето вести за лицата со инвалидитет и другите ранливи групи. Тоа значи повеќе да се зборува за попреченоста како концепт или аспект на човековите права, а не како концепт на милосрдие.
Во работилницата учествуваа седум граѓански организации од Источниот регион: Фондацијата за развој на локалните заедници, Мобилност - Кочани, Младински клуб, КХАМ, Еднакви за сите, Черења и Иницијативата на Невработени Интелектуалци. Сите изразија поддршка и желба да се вклучат во активностите на Мрежата од совети на публики.