ВЕСТИ И НАСТАНИ
ИНСТИТУТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВЕНИОТ РАЗВОЈ

По речиси половина година од објавувањето на првите содржини на медиумот на заедницата „Локал Актив Пелагонија“, Институтот РЕСИС организираше јавна презентација* на веб платформата www.lap.mk во просториите на „Europe House“ во Битола.

Prezentacija na LAP Bitola 1

На презентацијата присуствуваа новинарите и граѓанските активисти што се членови на редакцијата на „Локал Актив Пелагонија“, како и претставници од граѓанските организации од Пелагонискиот Регион.

На настанот се обратија претставниците на Институтот РЕСИС, претседателката Снежана Трпевска, проектниот координатор Игор Мицевски и координаторот за содржини во „Локал Актив Пелагонија“ Слаѓан Пенев, кои ги запознаа учесниците со идеите за иницирањето и функционирањето на медиумот на заедницата, во кој се препознава важноста на соработката меѓу локалните новинари и граѓанските организации како природни сојузници во зајакнувањето на демократијата и медиумскиот плурализам.

Prezentacija na LAP Bitola 4

Тие ја истакнаа потребата од развој на децентрализиран и инклузивен медиумски пејзаж, со иницирање поголем број вакви платформи што ќе бидат независни од влијанијата на моќните политички и корпоративни интереси и ќе бидат единствено во служба на интересите на граѓаните и на локалните заедници чии проблеми и идеи поретко се претставени во поетаблираните медиуми на локално и на национално ниво.

Беа претставени и содржините што досега се објавени и можностите што ги нуди веб-платформата www.lap.mk, со посебен нагласок на сториите што се подготвуваат во партнерство меѓу новинари и локални граѓански активисти.

Покрај претставниците на РЕСИС, на настанот свои обраќања имаа новинарките Билјана Георгиевска, Маја Блажевска Евросимоска и Жанета Здравковска, кои направија осврт на предизвиците со кои се соочуваат новинарите во локалните медиуми, како и на улогата на медиумите во истакнување на важноста на локалните проблеми или рефлексијата на глобалните проблеми врз животот на граѓанинот во малите средини.

Кон крајот на настанот, присутните новинари и граѓанските активисти разговараа за локални и регионални теми, за кои би можеле да се подготват истражувачки стории во рамките на „Локал Актив Пелагонија“, како и за формите преку кои би можеле темите за кои се објавуваат содржините во www.lap.mk да дојдат до поголем број читатели.

Prezentacija na LAP Bitola 2

Фотографии: Диоген Хаџи-Коста Милевски

*Јавната презентација е една од активностите во проектот „Медиуми на заедницата за граѓански ангажман: Трансформирање на општествените барања во општествени акции“, кој го спроведува Институтот РЕСИС, со поддршка од Европската Унија. 

ПОДДРШКА НА НВО
Повеќе
ПОДДРШКА НА ИНСТИТУЦИИ
Повеќе
ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЕКТИ
Повеќе
ИСТРАЖУВАЧКИ ПУБЛИКАЦИИ
Повеќе