Медиумскиот плурализам е крајната цел на секоја медиумска политика. Кои се ризиците за медиумскиот плурализам во земјава и каде се наоѓа Македонија, во споредба со другите европски земји? На овие прашања одговара Мониторот на медиумскиот плурализам во дигиталното доба - една од најрелевантните студии во областа на медиумските политики, во која РЕСИС учествува веќе пет години по ред.

Во новата проценка за потенцијалните ризици за медиумскиот плурализам во земјава во 2023 година, покрај хроничните, претходно идентификувани проблеми во сите медиумски сектори, МПМ2024 откри дополнителни влошувања. Ризикот е зголемен во три од четирите области на медиумскиот плурализам, при што посебен извор на загриженост е системското занемарување на проблемите во областите Плуралност на пазарот и Социјална инклузивност. Во областа Политичка независност, исто така, се забележани сериозни симптоми кои укажуваат на веројатно влошување во иднина.
Главната препорака од МПМ2024 е дека надлежните институции треба да го продолжат процесот на медиумски реформи што само делумно беше спроведен во 2023 година, со поддршка на Европската унија.
Наодите од проценката ги презентираше д-р Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС, на 28 октомври 2024 година – на oтворањето на Деновите на медиумската писменост. Проценката е реализирана како дел од проектот Монитор на Медиумскиот Плурализам (МПМ 2024), координиран од Центарот за медиумски плурализам и медиумски слободи од Фиренца, а поддржан од Европската унија. Студијата се спроведува во вкупно 32 земји членки и кандидатки за членство во Европската унија.