ВЕСТИ И НАСТАНИ
ИНСТИТУТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВЕНИОТ РАЗВОЈ

Ново истражување укажува на тоа дека новинарите и медиумските работници во земјава се соочуваат со голема оптовареност во работата, ниски плати, неплатена прекувремена работа и работа во празници, голем работен стрес и загриженост за своето психичко здравје.

DSC 3877

Овие наоди посочуваат на сериозни проблеми во севкупниот социо-економски статус на оваа популација, што пак има негативен ефект врз квалитетот на јавната сфера. Наодите се обезбедени од анкетата што ја спроведе Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС) во партнерство со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), во рамки на проектот „Работнички права за независно новинарство“, финансиран од Европската Унија.

Истражувањето покажа дека новинарската професија е недоволно вреднувана – над половина од новинарите (55%) имаат примања под просечната месечна плата во РСМ, која во 2023 година изнесуваше околу 37.000 денари. Кај медиумските работници овој процент е уште поголем (77%).

Screenshot 2024 01 25 150707

Голем проблем е и непочитувањето на законските одредби за зголемена заработувачка. Прекувремената работа не им се исплаќа на 38% од новинарите и на 36% од медиумските работници. На 46% од сите анкетирани никогаш не им се исплаќал или пак ретко им се исплаќал надоместок за работа во празници.

Поради недоволниот број вработени во медиумите, околу една петтина од сите анкетирани работат задачи што се надвор од утврдениот работен опис. Особено се загрозени новинарите, бидејќи често работат надвор од утврденото работно време, работат над законски дозволените работни часови и не можат да си го остварат правото на одмор во текот на работната недела. Поради сето ова, стресот на кој се изложени во текот на работата е голем.  

Screenshot 2024 01 25 151217

Анкетата следува откако претходно двете организации направија попис на целокупната популација на новинарите и медиумските работници во земјата, низ сите медиумски сектори. Вкупно во медиумскиот сектор беа попишани 3.146 работни позиции, од кои 53,85% се новинарски позиции, а преостанатите 46,15%, се позиции на медиумски работници.

Редовно вработени во индустријата се 2111 луѓе од кои 49,22% се новинари и 50,78% се медиумски работници. Од вкупно 1.039 редовно вработени новинари, 56% се жени, а од вкупно 1.072 редовно вработени медиумски работници 70% се мажи. Пописот укажа на тоа дека онлајн медиумите вработуваат нешто повеќе од 20% од вкупно 1.039 редовно вработени новинари во медиумската индустрија.

Најлоша е состојбата со локалните и регионалните радио и ТВ станици.  Во вкупно 32 локални и регионални ТВ станици редовно се вработени само 54 новинари, што значи дека секоја локална или регионална ТВ станица вработува во просек по 1,69 новинари. Дополнително, во вкупно 62 локални и регионални радио-станици редовно се вработени само 65 новинари, што значи дека во една радио-станица вработени се во просек по 1,05 новинари.

DSC 3968

Ова, тврдат авторите на истражувањето укажува на голема потреба за нова стратегиска рамка и нова регулаторна политика во радиодифузниот сектор на локално и регионално ниво, каде работничките права се најранливи.

Наодите од истражувањето, заедно со податоците за бројот и структурата на новинарите и медиумските работници во сите медиумски сектори во земјава, беа презентирани на конференцијата „Социо-економската сигурност – услов за професионално новинарство“ која во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот РЕСИС се одржа на 24 јануари 2024 г. во Скопје.

IMG 1123

На Конференцијата се обратија амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир кој нагласи дека „за да можат новинарите да ја вршат својата работа правилно, политичките и социо-економските услови мора да бидат исполнети“. Обраќање имаше и претседателот на ССНМ, Павле Беловски кој рече дека „економската неизвесност и натаму е предизвик за новинарите и медиумските работници, а фокусот треба да остане на унапредување на нивните работнички и социјални права.“

На првиот панел од конференцијата преку видео врска се обрати и Претседателката на Европската федерација на новинари, Маја Север која рече дека „само преку заеднички напори на медиумските организации, граѓанското општество, независните синдикати, па дури и соработка и преговори со државните власти можеме да создадеме клима/опкружување во кое новинарите може да ја остварат својата улога на чувари на вистината и на јавниот интерес“.

Истражувањето на РЕСИС и ССНМ беше спроведено на репрезентативен примерок од 343 испитаници распоредени во 9 стратуми кои ја репрезентираат структурата на медиумскиот сектор и вкупната популација новинари и медиумски работници. Тоа е солидна основа за градење на сеопфатна политика за унапредување на работничките права на новинарите и медиумските работници. 

ПОДДРШКА НА НВО
Повеќе
ПОДДРШКА НА ИНСТИТУЦИИ
Повеќе
ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЕКТИ
Повеќе
ИСТРАЖУВАЧКИ ПУБЛИКАЦИИ
Повеќе