РЕСИС ја изработи новата проценка на ризиците за медиумскиот плурализам во Северна Македонија, во рамки на проектот Media Pluralism Monitor 2023 (MPM2023), координиран од Центарот за медиумски плурализам и медиумски слободи од Фиренца.
Податоците од МРМ за 2022 година недвосмислено покажуваат дека на медиумскиот систем во Северна Македонија му е потребна нова стратегиска рамка врз која би се граделе медиумските политики. Оваа препорака произлегува од заклучокот дека во медиумскиот систем постојат големи системски изместувања, детектирани уште пред две децении, на кои немаше соодветен одговор на политиките. Прво, дигиталниот медиумски сектор значително и брзо се прошири. Експанзијата создаде засебен сектор во рамки на медиумскиот екосистем, кој ги наруши претходно воспоставените односи, но сепак остана нерегулиран. Саморегулаторните иницијативи во овој сектор само делумно ги ублажија ефектите од отсуството на регулација.
Денес постојат високи ризици во дигиталниот домен во многу од под-индикаторите на МПМ - особено во областите Плуралност на пазарот и Политичка независност. Второ, прекумерната медиумска фрагментација во радиодифузниот сектор систематски го нарушува пазарот - мноштвото медиуми се во постојан натпревар околу оскудните рекламни ресурси и постојанo упатуваат барања до институциите за обезбедување државни финансиски средства за да преживеат. Сето ова го намалува ефективниот плурализам во поглед на разновидноста и квалитетот на содржината. Конечно, потребен е нов стратегиски приод со цел да се поттикне развојот на локални медиумски иницијативи. Фрагментацијата на медиумскиот пејзаж создава само илузија за плуралност, таа во практиката произведува понуда на медиумски содржини кои се униформни. Новото стратегиско размислување треба да стимулира процут на процут на локалниот плурализам, произведени далеку од контролата на партиските политички и комерцијални интереси.
Мониторот на медиумскиот плурализам 2023 (MPM2023) е научен и холистички зафат со кој се проценуваат актуелните закани за плуралистичкиот и слободен медиумски пејсаж во Европа. За да се обезбедат ригорозни и издржани наоди, тимот на CMPF и тимовите од земјите вклучени во проектот анализираат 200 променливи за 20-те индикатори на MPM, по пет за секоја од четирите главни области: фундаментална заштита, плуралност на пазарот, политичка независност и социјална инклузивност. Овој циклус се заснова на податоци од 2022 година и го претставува шестото спроведување на проектот „Монитор на плурализмот на медиумите“ на ниво на ЕУ.