РЕСИС ја заврши првата фаза од јакнењето на Мрежа од совети на публики

Во рамките на Цивика Мобилитас – институционалниот грант овозможен од програмата на Швајцарската влада, Институтот РЕСИС подготви Проценка на векторите на комуникација меѓу граѓанските организации кои се занимаваат со застапување на ранливите заедници, институциите со ингеренции во медиумската сфера и саморегулаторните медиумски тела.

Проценката е основата врз која РЕСИС во следниот период заедно со повеќе граѓански организации на локално ниво, ќе работи на јакнењето на Мрежа од совети на публики.  

Проценката, за која Институтот ќе отвори широк консултативен процес во кој ќе бидат вклучени релевантните целни групи, ги детектира клучните проблеми во јазлите на комуникација меѓу ранливите категории граѓани од една страна и структурите кои имаат моќ да креираат медиумски политики од друга.

Документот ги анализира векторите на комуникација меѓу (1) граѓанските организации кои на локално и национално ниво се занимаваат со застапување на ранливите групи, (2) медиумските регулаторни тела и државните институции и (3) телата за медиумска саморегулација.

Наодите укажуваат на тоа дека во креирањето и во имплементацијата на политиките во медиумската сфера, занемарлива е вклученоста на ранливите заедници и организациите од граѓанското општество кои работат на нивно застапување.

Исто толку важно – отсуствува системски пристап и структурна уреденост на овој сега веќе исцртан комуникациски домен – што оневозможува да се внесе смисла во насочувањето на таа комуникација во интерес на ранливите групи чиј пристап до медиумските содржини е маргинален.

Како резултат на Проценката, РЕСИС подготвува и Стратегија, која треба да го енергетизира ова исклучително важно, а сериозно запоставено поле на влијание на ранливите групи во креирањето медиумски политики и која консеквентно, ќе може придонесе кон соодветна репрезентацијата на нивните потреби во јавната сфера.