Анализа: Политичкото огласување во медиумите

Компаративната анализа што ја изработи РЕСИС ја разгледува регулативата за политичкото огласување во медиумите за време на изборни кампањи или референдуми во неколку европски земји и во Македонија. Потребата од оваа анализа произлезе од низа дилеми и прашања кои се наметнаа во Македонија во текот на последниве десетина години, кога политичкото паралелно со државното огласување, масовно се користеа како механизам за „купување“ на сервилноста на медумските сопственици. Таквата практика темелно ја измести позицијата на медиумите и новинарството во македонското општество, така што тие наместо да им служат на граѓаните и на јавниот интерес, во најголема мера им служеа на центрите на економска и политичка моќ.

Анализата ги презентира најдобрите европски стандарди и правните системи на развиените демократии во Европа кои не дозволуваат политичко огласување во радиодифузните медиуми. Таа треба да поттикне јавна расправа за аргументите кои ги користат развиените демократии и Европскиот суд за човекови права при оценката на негативното влијание што политичкото огласување може да го има врз јавната сфера, новинарството и,  генерално, врз слободата на изразувањето. Анализата препорачува државното огласување да се укине, а да се преиспита потребата и условите под кои може да се објавува платена политичка содржина во медиумите.

РЕСИС ја изработи оваа анализа во соработка и за потребите на Здружението на новинарите на Македонија, со финансиска поддршка на Фондацијата Конрад Аденауер и Европската Унија во рамките на проектот „Регионална платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и заштита на новинарите“.